Одбележан патронатот на библиотеката „Свети Климент Охридски“ во Скопје

 Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска со свечен настан го одбележа патронатот и државeн празник Свети Климент Охридски, како и 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на библиотеката. Прославата започна со изведба на државната химна од страна на хор при Музичкиот факултет во Скопје.

На свеченоста поздравен говор имаше заменик-министерот за култура Даим Лучи кој се осврна на  реализацијата на проектот за реконструкција на старата зграда на библиотеката.

– Делото на Свети Климент Охридски најдобро ќе го почувствуваме преку создавање нови вредности кои ќе значат придобивка и за оние што ќе дојдат по нас. Затоа Министерството за култура со своите заложби континуирано ја дава својата поддршка за реализација на проектите на оваа институција. Во овој контекст од особено значење е реализацијата на обемниот проект за реконструкција на старата зграда на библиотеката, ремек дело на еминентниот македонски архитект Петар Муличкоски. Од особено значење е и фактот што со реконструкцијата со која ќе се врати сјајот на овој репрезентативен објект започна токму во годината кога одбележуваме половина век од нејзиното офицјално пуштање во употреба, истакна Лучи.

Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо нагласи дека Универзитетската библиотека е наследство на историската култура и хуманистичкиот дух што ги претставува овој голем мудрец. За восхит е, се надоврза тој, тоа што Библиотеката не само што ја промовира сопствената култура, туку и активно промовира меѓународни културни размени и соработка и како институција постојано напредува во чекор со времето и ентузијастички прифаќа нови можности од светот.

– И Кина и Северна Македонија се во многу значаен период на развој. Следната година се навршуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Кина е подготвена да работи со Северна Македонија под стратешко водство на лидерите на двете земјида ја поддржува меѓусебната почит и доверба, да го продолжи пријателството во согласност со традицијата, да ја продолжи практичната соработка за значителна придобивка за двата народа. Кинеската амбасада е подготвена да ја зајакне комуникацијата со Националната универзитетска библиотека и да придонесе за промовирање соработка и културна размена меѓу двете земји, а со тоа ќе се продлабочи и соработката од „прв поглед“ кон „сеопфатно разбирање“, рече амбасадорот Ѕуо.

На настанот се обрати и директорот на Библиотеката Рахметула Куќи кој посочи дека Библиотеката во текот на оваа година реализира многу значајни проекти како од библиотечната дејност и од меѓународната соработка, така и од областа на инвестициите.

– Токму годинава со финансиска поддршка од Министерството за култура во износ од 30 милиони денари беше извршена санација на три блока од покривната конструкција на библиотеката, а во оваа пригода сакам да го изразам очекувањето на оваа врвна национална институција дека наредната година исто ќе продолжи поддршката од Министерството за санација на преостанатите два блока од покривот со што целосно ќе се реши повеќегодишниот проблем со протекувањата, рече Куќи.

Годинава, додаде, добиле најголема финансиска поддршка од Министерството и за набавка на нови современи подвижни системи за сместување и чување на библиотечните добра прогласени за културно наследство од особено значење, а исто така бил поддржан и реализиран проектот за санација на едно депо во кое се сместени библиотечните добра и материјали. Освен тоа, како што рече, беше реализиран и проектот од областа на инвестициите за замена на подните облоги во големата читална, како и за инсталирање посебен систем за видео надзор во корисничкиот дел.

Директорот на Библиотеката им подели благодарници за особен придонес и поддршка на институцијата, на Министерството за култура, амбасадите на Народна Република Кина и на Кралството Шпанија, како и на донаторите „НЛБ Банка“, „Кроација осигурување“, „КС сервис“, Меѓународни училишта „Нова“ и на „Светот на Биби“.

На крајот на прославата беше отворена изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, дело на архитектот Петар Муличковски и на изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен Св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар.