Дебар Маало новогодишно осветлено и украсено во чест на Горан Стефановски

Во чест на големиот македонски драмски автор и есеист, Горан Стефановски, по повод 70 години од неговото раѓање, скопско Дебар Маало вчера беше новогодишно осветлено и украсено.

На рачно изработените сувенири кои во празничниот период ќе го красат паркот во кој се наоѓа спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“, испишана е порака од неговиот последен есеј „Искрата што се измолкнува“, објавен во книгата „Идентитетот е приказна“, и тоа на македонски и во превод на сите јазици на Европската Унија. 

Преводите се обезбедени во соработка и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

На настанот присуствуваа поголем број почитувачи на Стефановски.

-Ги украсивме елките околу клупата на која седи Горан за да не’ осветли неговата “искра што се измолкнува”. Скопје беше центар на Европа! Барем за оние кои вчера бевме во Дебар Маало, истакна на настанот Иван Антоновски познавач и почитувач на делото на Горан Стефановски.   

Настанот е во организација на Делегацијата на Европската Унија и „Јуроп хаус“.