Арсовска излезе на мостот „Беласица“ - Оштетувањата се минимални, вели таа

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска утрово на прес-конференција информираше за состојбата на мостот „Беласица“ кој е затворен за сообраќај и пешаци. 

Таа рече дека службите на Градот Скопје и лично таа уште од првата вечер биле на терен на увид во настаната штета при пожарот.

- Денеска со мене е и еден од најголемите експерти не само во Македонија туку и пошироко професорот Михаил Гаревски кој во текот на изминатата недела изврши иницијални проверки со цел да добиеме потврда и да бидеме сигурни дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој. Напоменувам дека заедно со помошта на видни стручни лица од областа, Град Скопје ги превзема сите потребни проверки со цел да бидеме сигурни дека никој нема да биде доведен во опасност и затоа се спроведува детално истражување за штетата која би можела пожарот да ја нанесе на мостот „Беласица“, рече денеска Арсовска. 

Првичните информации, вели Арсовска, говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот.

- Ја користам оваа прилика уште еднаш да апелирам до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот Беласица како што тоа го прави Градот Скопје со цел да дојдеме до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба. Паушалните тврдења како досега кои произлегоа од политичките агенди на групи и поединци, што само шират страв и паника помеѓу граѓаните, не помагаат никому. Жалам што можам да констатирам дека секоја непогода со која се соочува градот резултира со медиумски линч на градската администрација иако на граѓаните им е јасно дека се работи само за очајни обиди за собирање на политички поени. Сакам уште еднаш да потенцирамо дека во моментов правиме се што е во наша можност мостот час поскоро да биде пуштен во употреба, нагласи градоначалничката Арсовска. 

Таа на почетокот на прес-конференцијата го честиташе Денот на пожарникарите и им се заблагодари на, како што кажа, нашите херои кои секојдневно ги спасуваат животите и имотот на граѓаните на Скопје.

- Воедно би сакала и да им се заблагодарам за експресната реакција при пожарот на мостот „Беласица“ со што спречија поголема материјална штета и негово проширување. Сакам оваа прилика да ја искористам и да ги замолам сите институции кои се сметаат за засегнати да не шират страв и паника кај граѓаните со паушални тврдења кои се однесуваат на било какви наводни структурни оштетувања на мостот, рече Арсовска.