Зградата на поранешната фабрика Купром треба да биде културна оаза на Скопје, велат од Зелен Хуман Град

Зградата на поранешната фабрика Купром треба да биде културна оаза на Скопје, сметаа од Зелен Хуман Град. 

- Дозволувањето на вакви објекти да останат запуштени сред градска средина, или уште полошо, да се претворат во нови бетонски џунгли , ќе претставува уште еден пораз за Скопје. Локација совршена за културен центар, од настани, до галерии, до концерти и простор за секој скопјанец и скопјанка да избегааат од секојдневниот хаос. Локација каде без многу напор, институциите може да ја претворат во културна оаза на Скопје, велат од иницијативата за зелено и хумано Скопје. 

Оттаму велат дека постојат мал милион начини тоа да се постигне, дали преку приватно-јавно партнерство со сегашните сопственици на парцелата, дали преку експропријација (откупување) на земјиштето преку Општина Ѓорче Петров или Град Скопје, или негова пренамена преку новиот ГУП што уште е во изработка.

Од ЗХГ велат дека за ова да стане реалност самите граѓани треба да извршат притисок. 

- Борбата за која било тема во Скопје и во Македонија, мора да се одвива заеднички, синхронизирано, и со инволвираност на сите граѓани. Не оставајте борбата да ја води една организација, една група или еден човек, надејаќи се и давајќи поддршка само преку социјални медиуми. Сплотете се, само масовноста прави вистински промени во Македонија!  - додаваат оттаму мотивирајќи ги граѓаните на активизам. 

Фабрика Купром е изградена во 1940-тите според посебни индустриски стандарди, поради што денес, иако е запуштен повеќе од 15 години, неговите главни носечки столбови и контрукцијата се наоѓаат во извонредна состојба, што го прави погоден за реупотреба и ревитализација. Овој историски објект, е дел од колективната меморија на граѓаните, а поради оваа фабрика се развиваат населбата Хром и околните населби, како и целата Општина Ѓорче Петров.