Со месеци чекаат да се вселат во зграда на „Саник“: Ни велат ништо не им можеме зашто биле заштитени

Повеќе семејства сè уште чекаат да влезат во своите станови кои ги купиле во зградата „Hestia“ во населба Аеродром, иако последниот рок за предавање на зградата бил на 31.12.2022 година. Скопјанка која купила стан во оваа зграда, за „Скопје Инфо“ открива дека неколку пати биле излажани од компанијата „Саник“ за тоа кога ќе може да се вселат во нивниот стан.

Најпрво од „Саник“ им било кажано вселувањето ќе биде во мај минатата година, иако во договорот пишува 31.12.2022 година, сепак тоа не се случило, а потоа бил прекршен и предвидениот рок.

- Се работи за зграда на „Саник“, конкретно објектот „Hestia“ во населба Аеродром. Кога го купувавме станот во 2021 година, усно ни беше кажано дека краен рок за изградба во договорите ќе стои 31.12.2022 година, меѓутоа дека состојбата на градилиште е понапредна од планираното и да очекуваме вселување во мај 2022 година. Откако го плативме станот во целост, разговорот со нив се промени, почнаа да одложуваат. Помина и мај, а помина и 31.12.2022, како што пишуваше во договорот, вели таа за „Скопје Инфо“.

Пред неколку дена (10.03.2023) им било кажано дека ќе почнат да се делат клучеви на крајот на април, но таа се сомнева дека ќе биде испочитуван и тој рок.

- Последна информација од (10.03.2023) од градилиште е дека ќе почнат да делат клучеви на крајот на април, но и тоа не е сигурно затоа што малку луѓе работат на зградата, а состојбата е хаотична. Имаат проблеми со протекување на вода од покривот надоллу четири-пет ката, но и проблеми со ЕВН која не им приклучува струја, открива граѓанката.

Исто така, таа тврди дека дознала за долгови кои ги има компанијата и обвини дека поради тоа се пролонгира рокот.

- Од контакт со луѓе познаници, „Саник“ како фирма се заглавени во долгови. Во моментов на кеј имаат комплекс што го градат, па поради тоа е застојот на другите објекти. Парите им требаат за таму, додека во Припор имаат уште еден објект кој треба да биде готов до 31.12.2023 година, но сè уште не им е почнат, вели таа и додава дека заедно со сопругот и двете деца живеат под кирија.

Вели дека од „Саник“ не сакале ниту финансиски да им помогнат за киријата која од почетокот на 2023 година ја плаќаат поради компанијата, која не им го предала станот на 31 декември 2022 година.

- Сопругот беше во канцеларија кај раководителите на „Саник“, но тие креваат раменици. Јас и сопругот сме со две деца (пет и три години) под кирија. „Саник“ не сакаат ниту финансиски да помогнат за месечните кирии, иако трошокот постои поради нив. Немаме пари за адвокат да ангажираме, тоа би бил дополнителен трошок за нас, а и самите луѓе од продажба во „Саник“ се сигурни дека ништо не им можеме бидејќи биле заштитени во договорите, наводно ковид-кризата и војната во Украина им се покритие за пролонгирање на роковите, открива граѓанката за „Скопје Инфо“.

На веб-страницата на компанијата пишува дека проектот е завршен, односно зградата „Hestia“ е комплетирана, иако граѓанката тврди дека тоа не е вистина.

„Скопје Инфо“ испрати барање прашања и побара став од „Саник“, но до објавување на овој текст компанијата не испрати одговор на прашањата.