Втор ден молк од ЕСМ по повикот на Град Скопје да го санираат мостот „Беласица“

Под мостот се наоѓаат и цевките кои чекаат да бидат поставени. Вработени од ЕСМ по обид да започнат со нивно поставување, беа спречени од Инспектори на Град Скопје, со објаснување дека тие немаат соодветна документација за работа и дека цевките не смеат да се постават се додека мостот не се санира.

Последниот став на ЕСМ беше дека тие не се надлежни да го санираат мостот, а за својот дел, за поставувањето на цевките , тие се потготвени но сеуште чекале дозвола од Град Скопје.

Поставувањето на овие цевки е важно бидејки низ нив поминува топлината од ТЕ-ТО со кое се обезбедува 60% од топлинската енегрија во Скопје и чија цена е три пати пониска од цената на топланите.

За важноста од навременото поставување на цевките на топловодот, зборуваше и првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, кој предупреди дека доколку не се постават цевководите под мостот, ќе се случи „ценовно цунами“. Тој рече дека доколку се оди по алтернативни цевководи, со нив би имало послаб проток, а со тоа и поголеми трошоци.

-Доколку не се постави овој цевковод тогаш би ни се случило ценовно цунами. Од тие причини додека не добиеме цврство уверување дека ќе се постави цевководот нема да се донесе одлука. Доста беше заради препирки нечии тоа да оди на грбот на граѓаните, изјави Марко Бислимовски РКЕ.

Грејната сезона почнува на 15 октомври, но не е познато дали без топлинската енергија на ТЕ-ТО, топланите на ЕСМ ќе можат во целост да ги задоволат потребите на околу 60.000 домови приклучни на мрежата, а неизвесно останува ниту колку тоа ќе го чини државното претпријатие. Она што е извесно е дека регулаторна нема да пресметува нова цена за граѓаните додека не се започне со работа на мостот, а до тогаш Скопјани ќе ја плаќаат ланската цена.