Во споредба со другите земји од регионов, Македонија има најмал економски раст и најголем дефицит во буџетот

Прогнозите за економски раст за оваа година не се охрабрувачки за Македонија. Во најновиот економски извештај за Западен Балкан нашата држава е закована на самото дно.

Годинава за Македонија се очекува економски раст од 2,5 проценти, слично како и во Босна и Херцеговина каде што се проектира раст од 2,6 проценти, потоа е Албанија со очекувања за 3,3, па Црна Гора за која се смета дека ќе има раст од 3,4, Србија 3,5 и Косово 3,7 проценти. Лани, исто така најмал беше растот во Македонија, само 1 процент, а највисок во Црна Гора 6 проценти.
Во однос на минатогодишниот најнизок економски раст, од Светска банка коментираат дека тоа се должи на два фактора – нереализиран извоз според очекувањата и мали залихи кај компаниите.

„Помал извоз од очекуваниот е пред сè поради забавувањето на германската индустрија, односно на автомобилската со која е поврзано македонското производство. Кинеските електрични возила го преплавуваат европскиот пазар. Северна Македонија треба да размислува за диверзификација на своето извозно производство“ вели Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка.

Овогодишниот раст од 2,5 проценти се темели на раст на градежни работи, изградба на инфраструктура и проекти во енергетскиот сектор. Дополнителен проблем во нашата земја е фискалната консолидација. Сите земји во Западен Балкан успеале со своите политики, но не и Македонија.