Владата дискриминира, не сме причинители за ширењето на заразата, велат сопствениците на ноќните клубови

Ноќните клубови во затворен простор во Македонија се единствените од целиов регион и од целиот свет кои со одлука на Влада се во целост затворени и не работат повеќе од 19 месеци. Единствено кај нас не се најде начин и решение да работат со соодветни протоколи за работа, порача вчера Горан Арсовски, претставник на Здружението на ноќни клубови од каде најавија граѓанска непослушност. 

Причина за оваа нивна најава е дека, како што тврдат, „се останато си работи нормално“, како воопшто да нема коронавирус, а помали капацитети од нивните со доста понебезбедни услови од условите што тие можат да ги обезбедат ја превземале улогата на организатори на забави поради што велат дека станува збор за дискриминација од страна на власта. 

Оттаму велат дека најпрвин треба да се избегнат манипулациите и спинување на вистината, како и претставувањето на ноќните клубови, како причинители за ширењето на заразата.

Сопствениците на ноќни клубови забележуваат дека не ја гледаат логиката граѓаните да се вакцинираат, а тие повторно да се затворени.

– Како и што не ја гледаме логиката секојдневно да сведочиме на забави и „евенти“ кои се одржуваат во кафе барови, кога единствената разлика е во работното време, а ние да не можеме да работиме иако секоја година плаќаме лиценци и сме специјализирани за тоа. Во летниот период се дозволија одржување на настани и работа на летните дискотеки по што се покажа дека со почитувањето на соодветни протоколи, работата на летните дискотеки, воопшто немаше удел во покачување на бројките на новозаразени, што директно укажува на фактот дека ние не сме причинители на ширењето на заразата, додаде Арсовски. 

– Па би сакале да ја прашаме власта која е логиката за ние да не заслужуваме да добиеме протокол за работа, а политиката да не страда и да собира по илјадници лица на едно место. Ја известуваме власта и Комисијата за заразни болести да престанат со селективното однесување како воопшто да не постоиме и во текот на оваа недела да ни дадат термин за состанок на кој ќе се разговара за нашето работење. Во спротивно ќе бидеме принудени по пат на граѓанска непослушност да ги отвориме клубовите, за што би можеле да одговараме кривично, како да сме криминалци, а не бизнис субјекти кои бараат излез од целава ситуација да преживеат, да опстанат, да работат и да плаќаат даноци, порачаа членовите на Здружението на ноќни клубови.