Витамини кои гарантираат добар сон

Знаеме дека спиењето влијае на различни аспекти од нашето живеење.

Photo by Kinga Howard on Unsplash

Од друга страна пак, начинот на исхрана игра голема улога во тоа како и колку спиеме. Постојат витамини кои придонесуваат за подобар сон, а дел од нив значително го подобруваат нашиот биоритам и севкупно здравје.

Витамин Д

Освен што е важен за добар сон, тој игра голема улога и во регулација на расположението, подобрување на имунитетот, како и намалување на воспаленијата во телото. Една неодамнешна студија посочува дека недостатокот од овој витамин придонесува за нарушување на квалитетот на сонот, што е особено често кај луѓето кои се постари од 50 години. 

Најдобриот извор на овој витамин е во сончевите зраци. Но, за жал, во текот на зимата, бројот на сончеви денови е значително помал што може да предизвика проблеми кај одредени поединци. Друг начин за да се дојде до него е преку рибиното масло, жолчката и одредени млечни производи. 

Витамин Е

Како моќен антиоксидант, витаминот Е ги штити клетките во нашето тело од оштетување. Тој исто така придонесува и за подобар имунитет, а значително го подобрува и спиењето.

Овој витамин е особено моќен кај луѓето кои се соочуваат со недостаток на фокус поради нарушениот сон. Тој ја подобрува краткорочната и долготрајната меморија, а и го штити здравјето и функциите на нашиот мозок. 

Витаминот Е може да се најде во одредени семки и јаткасти плодови, вклучувајќи го сончогледот, бадемите, лешниците, како и спанаќот, брокулата, пченката. Некои луѓе одлучуваат да го земат како суплемент, но за тоа  е неопходна консултација од вашиот матичен лекар.

Витамин Ц

Ова е најпопуларниот витамин, а кој би рекол дека тој исто така влијае и на нашето спиење? Едно истражување спроведено во 2009 година покажало дека комбинација на витамин  Е и Ц придонесува за значително подобрување на сонот кај возрасни личности. Ваквата комбинација е корисна и за намалување на поспаноста и заморот во текот на денот. 

Витамин Б6

Овој витамин е витален за многу функции во нашето тело. Тој го подобрува имунолошкото здравје и придонесува за подобри когнитивни функции и развој. Освен тоа, значително го подобрува и квалитетот на спиењето во текот на ноќта.

Овој витамин се препорачува особено за оние луѓе кои сонуваат многу во текот на ноќта, а потоа се будат изморени. Освен тоа, тој значително придонесува за лачењето мелатонин и серотонин кои се важно за мирен сон, но и добро расположение.