Веќе се отпочнати активностите за новиот Луна Парк, велат од Град Скопје

Веќе се отпочнати активностите за новиот Луна Парк во Скопје. Ова го соопшти Град Скопје во соопштението кое го испрати до медиумите, а со истото сакаат да ги демантираат, како што велат, лажните вести кои се пласираат во дел од медиумите. 

- Хаосот создаден во Луна Паркот со дивото издавање дозволи на дискотеки на лица блиски до претходните раководства во градот го одложи проектот, како и поништување на еден готов проект и изготвување на комплетно нов проект нарачан од претходното градско раководство. Сепак, сите проблеми се отстранети, а на локацијата веќе се отпочнати активностите за новиот Луна Парк, наведуваат во писменото соопштение. 

Во истото соопштение констатираат дека што се однесува на автобускиот превоз, истиот е бесплатен за пензионери, ученици и студенти.

- Дополнително, во најголемата енергетска и економска криза по онаа од 2008 година, градот Скопје ја здржа старата цена на билетите и покрај драстичното зголемување на енергенсите. Дотолку повеќе што, градот Скопје не зголеми ниту една друга давачка на граѓаните, напротив ги намаливме цените на зонските паркиралишта за 25 проценти, велат оттаму и додаваат дека набавката на нови 250 еколошки автобуси до овој момент втора година по ред е блокирана.

- До овој момент завршени се три мега-паркови и тоа во Ѓорче Петров на површина од 32 илјади метри квадратни, Аеродром на површина од 27 илјади метри квадратни, и во Чаир на површина од 30 илјади метри квадратни. Во тек е изведбата на мега-паркот во општина Карпош и Кисела Вода, се наведува во истото соопштение од Град Скопје.