Тргување преку интернет - современ шопинг кој носи и придобивки и голем ризик

Брзото темпо на живот, подолгото работно време и ангажманот и за време на недели и празници предизвика значителен број од вработените лица се повеќе да практикуваат е-трговија.

Како што велат и трговците и купувачите се работи за современ шопинг кој можете да го направите кога сакате и каде сакате, па дури и на полноќ додека лежерно седите дома или лежите во кревет, пиете сок, кафе… и грицкате нешто.

Купувањето преку интернет е и светски тренд.Минатата година продажбата преку интернет на глобално ниво достигна 2,29 трилиони долари. Се проценува дека оваа бројка до 2021 година двојно ќе се зголеми и ќе изнесува најмалку 4,48 трилиони долари. Напредокот на технологијата овозможи со притиснување на само едно копче да се купуваат производи од која било страна на светот.

Во Македонија од 25 до 30 проценти од потрошувачите купуваат електронски, најмногу обувки, облека и текстил.Статистиката покажува дека во земјава расте бројот на интернет продавници што ги нудат овие услуги. Во моментов активни над 700 виртуелни места на продажба односно полурано наречени интернет-продажни места. Онлине продажни места претставуваат места на продажба кои што овозможуваат купување производи и услуги преку интернет, преку виртуелните продавници кои што постојат во земјата.

Но дали на дигиталниот пазар можеме да му веруваме. Според Маријана Лончар Велкова претседателот на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) смета дека подобар дигитален свет може да се создаде не само преку зголемување на сигурноста он-лајн, туку и преку зголемување на сигурноста на паметните уреди што ги користиме во секојдневието.

Таа неодамна на одбележувањето на Светскиот ден на потрошувачите посочи дека истражувањата покажуваат дека паметните телефони, смарт-телевизорите и паметните играчки за деца се само некои од производите кои ја доведуваат во прашање безбедноста на потрошувачите.

Следењето на нашата приватност и нашите лични податоци станува предмет на голема дискусија како што расте продажбата. Софтверот во т.н. паметни и поврзани играчки како куклата Кејла, не им нуди заштита на семејствата. Преку нив може да ве гледаат дома, да ве снимаат и да ви даваат совети. Преку паметните часовници, пак, исто така, освен вас, децата може да ви ги следи и некој друг – нагласи Лончар Велкова.

“Кејла” беше претставена лани, а по предупредувањето на многу организации во светот поради ниското ниво на безбедност кое го нуди, беше забранета за продажба во одредени земји.

Според Светската организација на потрошувачи, користењето на мајчиниот јазик на потрошувачот придонесува за зголемување на продажбата на стоки и услуги он-лајн, па затоа се поголем број трговци користат алатки за преведување на нивните веб-продавници на што повеќе јазици.Овој тренд се почесто го користат и македонските трговци, чии веб-продавници се достапни на албански, турски и многу други јазици.

Од друга страна пак Светската организација на потрошувачи, укажува пак дека само половина од корисниците кои купуваат на интернет знаат дека компаниите можат да ги продаваат нивните лични податоци или податоците да им бидат изгубени или украдени.

Така статистички речиси 70 отсто од он-лајн купувачите изразиле загриженост дека нивните дигитални плаќања не се безбедни, додека 49 проценти никогаш не купуваат електронски зашто немаат доверба.