Пораснал извозот: Македонија најмногу тргувала со Германија

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република  Македонија, во периодот јануари-април 2017 година, изнесува 93 959 795 илјади денари и бележи пораст од 12.7% во однос на истиот период од претходната година, стои во соопштение објавено денеска од Државниот завод за статистика. 

Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-април 2017 година, изнесува 129 302 397 илјади денари што е за 11.2% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. 

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-април 2017 година, изнесува 35 342 602 илјади денари.  Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-април 2017, изнесува 72.7%.  Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. 

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија. 

Во периодот јануари-април 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари- април 2017 година,изнесува 1 525 839 илјади евра, и бележи пораст од 12.9% во однос на истиот период од  претходната година. 

Вредноста на увeзената стока, во истиот период е 2 100 074 илјади евра што е за 11.4 % повеќе во споредба со истиот период лани.  Трговскиот дефицит, во периодот јануари-април 2017 година, изнесува 574 235 илјади евра.