Сеќавање на свадбените обичаи во старо Скопје - обично девојките се мажеле со помош на наводаџии. Многу важна улога на самата свадба играле кумот и деверот. Деверот ги “плаќал” чевлите на невестата во нејзиниот дом кога ја земале за венчавање. Таа пред него ги пробувала и велела дека не и се точни, а деверот ги земал, ги вртел трипати во рака, божем не ñ влегуваат и откако ќе ги “плател”, односно ќе ги наполнел со пари, таа ги облекува.
Побогатите семејства до црквата на венчавка оделе со пајтон, а посиромашните пешки. На чело на колоната до црквата оделе свирачи. Кумот бил многу ценет од младоженците и го сметале за нивен духовен татко. На самата венчавка кумот им ставал на младоженците платно преку рацете кои им се вкрстени, со симболика вечно да останат “врзани” заедно. Тие пак кумот и кумата ги дарувале со бовчалоци. По вртењето околу олтарот над младоженците се фрлале бонбони и леблебии, со симболика да имаат плоден брак. Свадбата продолжува со веселба која најчесто била дома кај младоженецот.
Пред свадбата кога невестата со другарките одела на капење во Бања, таа со неа носела и погачи и други јадења, а другарките носеле дајриња па играле ора , а на невестата и ставале к'на.
По свадбата Ганка памети дека кога влегла во дворот, на свекорот кој седел на стол како и на свекрвата им бакнала рака и им дала бовчалок, а на свекрвата одзади и пуштале вода викајќи “ Ау, се измоча свекрвата”.
Често младите брачни двојки се запознавале на баловите во Офицерскиот дом. Во салата на една страна седеле девојките облечени во долги свечени фустани, а на другата момчињата во фракови. Ако некое момче сакало да игра со некоја девојка, морал да го замоли за дозвола нејзиниот татко. Елена го запознала својот сопруг на излет, а средбата била со стројници. Веридбата ја прославиле дома, иако многу граѓани ја славеле во Офицерскиот дом. На веридбата Елена ги дарувала сватовите со бовчалоци, а неа сопругот со злато. Пред свадбата девојката одела на бања со другарките, каде што ги послужувала со погача и кашкавал. Свадбата на Елена со Атанасие Атанасиевиќ била во хотелот Бристол. Фустанот на Елена бил изработен од кипер чипка и капче изработено од познатите скопски шапкарки Лујза и Јелена. Свадбените слики ги направиле кај познатиот фотограф Ковалски. За свадбата на Елена, татко í изнајмил автомобил, украсен со вештачки цвеќиња,со кој се возеле од црквата до хотелот.
Свадбите најчесто се правеле дома. Во дворовите биле поставувани маси. Храната за свадбата ја правел изнајмен готвач, а ја служеле момчиња со бели престилки. За појадок на сватовите се меселе пити и кисело млеко.