Скопска традиција: Како се прославува Василица?

Во Скопје, Василица се прославува традиционално во многу маала кои ја негуваат оваа навика со генерации, па истиот настан е многу интересен за оние кои досега немале можност да присуствуваат на нешто слично. Едни од најпознатите населби во кои на големо се слави овој празник се Мичурин и Бутел 2.

Традиционално како и секоја година чествувањето на празникот Василица познат и како Стара Нова Година се започнува со молитва и светење на вода, вино и погача со паричка од страна на свештено лице на МПЦ-ОА.

Потоа се одбира кумот за следната година, кој златникот и иконата на Св. Василиј Велики ќе ги чува цела година во својот дом. Тој заедно со стариот кум ќе го запали василичарскиот оган.

По овој чин ќе следи богата традиционална празнична трпеза, чај, греана ракија, вино и други пијалоци, зачинета со звуците на традиционалната македонска народна музика.

Мичурин

Централната манифестација е закажана за среда, 13.1.2016 година, во 19 часот, на платото во паркот во населбата Мичурин.Во рамките на овогодишната Мичуринска средба ќе се одржи и ученичката приредба од 17 до 19 часот, во чија организација се вклучени младите мајки мичуринки и ученици од ОУ „Блаже Конески“.

Училишната програма ќе содржи рецитали, хорски настапи, куклена претстава и модерни танцови. Инаку, музиката за добро расположение во Мичурин ќе почне во 12 часот на пладне, со што ќе почне одбележувањето на празникот Василица.

Поканети гости на овогодишната Мичуринска средба се градоначалниците на Град Скопје, на општините Аеродром и Кисела Вода, Коце Трајановски, Ивица Коневски и Билјана Беличанец, како и други истакнати лица од политичкиот и стопанскиот живот во Република Македонија.

Бутел 2

Традицијата која со децении се негува во населеното место Бутел 2 не згаснува.  Дворот на ОУ “Панајот Гиновски”  и оваа година ќе биде збирно место за сите добронамерници. Организаторите на настанот, со задоволство ги покануваат сите добронамерници да бидат дел од одбележувањето.