Скопските фонтани наскоро ќе протечат

Новата сезона на фонтаните низ градот наскоро ќе започне. Во текот на месецов и наредниот, надлежните ќе ги пуштат во употреба фонтаните, а и јавните чешми. Општините и градот вршат редовни проверки, а отсега ќе почне и деконзервирањето на заштитните фолии од фонтаните. Меѓутоа, низ градот има фонтани што се постари, а не се пуштаат во употреба и се запуштени. 

Фонтаните што се во надлежност на градот се очекува да бидат пуштени во употреба наредниот месец, во зависност од временските услови. Оттаму велат дека редовно ги заштитуваат и конзервираат сите фонтани што се преземени како обврска за одржување.

- Процесот за заштита е при крај и се очекува на почетокот на април да бидат пуштени фонтаната на градскиот плоштад, фонтаните на плоштадот „Филип Втори“ и фонтаната на плоштадот „Пресвета Богородица“. Нешто подоцна, со затоплувањето на времето, ќе биде пуштена и таканаречената сува фонтана на градскиот плоштад. Во меѓувреме ќе почне постапката за деконзервирање и отстранување на заштитните фолии од фонтаните што се покриени и ќе биде спроведена постапка за испитување на тековната состојба - велат од градот.