Фонтаните станаа летна забава за скопјани (ФОТО)

Изминатите денови, речиси насекаде низ градот, можеа да се забележат деца, но и повозрасни лица, кои уживаат во ладната вода што тече во декоративните фонтани низ метрополата. 

Површинската фонтана, пак, е најинтересна за децата, кои уживаат претрчувајќи низ млазовите вода што од дното на фонтаната се испуштаат.

Голем број капачи има и во езерцето во Градскиот парк, каде што преку ден граѓаните се освежуваат, а слична е сликата и во водите на Вардар.

Меѓутоа, граѓаните воопшто не размислуваат дека со капењето во градските фонтани прават ненамерна штета што надлежните постојано мора да ја санираат. Така беше и минатото лето, кога настрадаа пумпите од кои прска вода, поради трчањето на децата.

Градските власти за овој проблем информираат дека службата за обезбедување редовно реагира при капење во фонтаните.

- Ако е направена штета, сторителот се пријавува во полиција и се поднесува соодветна пријава - велат од градот.

Сосема друг проблем е техничката исправност на водата, односно нејзиниот квалитет, кој е доста дискутабилен особено кога станува збор за капење во водата во езерцето во Градскиот парк.

Надлежно за квалитетот на езерото во паркот е јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, од каде што велат дека капењето во езерцето во Градскиот парк е строго забрането.