Тајмери за градските чешми и фонтани

Од Јавното претпријатие "Водовод и канализација" информираат дека во моментов се во постапка за набавка на механизми кои по притиснувањето имаат одредено времетраење на испуштање на водата.

Јавните чешми и фонтани со вода за пиење наскоро ќе бидат опремени со тајмери кои ќе ја контролираат непотребната потрошувачка на вода од скопскиот водовод. Од Јавното претпријатие "Водовод и канализација# информираат дека во моментов се во постапка за набавка на механизми кои по притиснувањето имаат одредено времетраење на испуштање на водата.

- Со поставувањето на овие тајмери, очекуваме значително да се намали потрошувачката на вода од јавните чешми, информира портпаролот на јавното претпријатие Благоја Филиповски.

Тој потсетува дека фонтаните и јавните чешми ги градат општините, а „Водовод“ ги приклучува и ги одржува.

-На територијата на Град Скопје има околу 250 јавни чешми и фонтани кои редовно ги одржуваме, ги чистиме и ги поправаме од дефекти. Сакаме да истакнеме дека јавните чешми одвреме-навреме се затнуваат или се кршат, односно се уништуваат од несовесни граѓани. Оваа појава е скоро секојдневна. Нашите екипи излегуваат на терен и ги санираат, но има и такви кои се целосно уништени. Дел од чешмите се нефункционални поради негрижата на граѓаните, вели Филиповски.

Тој додава дека се случува и да се фрла смет или разни отпадоци во коритата на јавните чешми или фонтани, па затоа некои од нив се запушуваат и одреден период се надвор од функција. Во името на јавното претпријатие упати апел до граѓаните да ги чуваат јавните чешми и фонтаните, бидејќи посебно во летните и топлите денови и тоа како ни користат на сите нас.

-Иако редовно ги одржуваме и ги санираме настанатите дефекти, сепак останува на граѓаните да внимаваат и да ги чуваат истите, бидејќи чешмите ни служат на сите нас. Оштетувањата се редовен проблем, но екипите на терен успеваат да држат чекор и редовно да ги одржуваат, појаснува Филиповски.

И граѓаните се жалат на несовесното однесување на некои свои сограѓани кои ги уништуваат јавните чешми.

-За жал, чешмите и фонтани се честопати на мета на вандалите. Ги шараат со спрејови, ги кршат и ги крадат славините, решетките...се случува цевките да бидат затнати со ѓубре или во цевките да има пикнато гранчиња. Дури се случува да фрлаат детергент после што е потребно комплетно да се замени пумпата и хидрауличката инсталација, вели 60-годишниот водоинсталатор Јован Антевски кој живее во близина на Градскиот парк.

Водата во чешмите и фонтаните се пушта на крајот на март, а се затвора во октомври.