Се појави нов вид на коронавирус, регистриран е во 36 земји

Новата варијанта на коронавирус (SARS-CoV-2) позната како EG.5.1 се шири низ светот, соопштија здравствените експерти.

Заклучно со 24 јули, 2.442 секвенци на EG.5.1 биле откриени во 36 земји ширум светот, вклучително и најмалку 18 случаи во Израел, според податоците од Outbreak.info, страница што ги собира податоците за SARS-CoV-2.

Видот стана поприсутен во Обединетото Кралство бидејќи продолжуваат да растат хоспитализациите на Ковид-19, соопштија британските здравствени власти во четвртокот. На социјалните мрежи, вирусолозите ја нарекоа варијантата „Ерис“.

Според Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA), следењето на варијантата EG.5.1 започна на почетокот на јули поради зголемените извештаи на меѓународно ниво, особено во Азија. Видот за првпат беше откриен во март.