Празниците ќе бидат без рестриктивни анти-корона мерки

– Нема дополнителни рестриктивни мерки за празниците, а дел од ковид центрите се затвораат и целата интерна клиника се враќа во нормала, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Според него, сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа, што, како што рече, такви собири на јавни места има насекаде и пред Нова година. Практично, вели тој, кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и после сето тоа ќе спласне.

Филипче истакна дека не може да се предвиди дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, но додаде дека затоа акцент е ставен на вакцинацијата, оти, според податоци од студии, третата доза ја зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон.

Во однос на вакцинираните, министерот смета дека процентот е висок, но и дека интересот е спласнат.

– Сметам дека опфатот, којшто според новиот попис е помеѓу 50, па дури и 55 проценти, ако се исклучат децата, сепак е висок, прилично висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема да достигнеме за кратко време 70 или 80 проценти опфат, изјави Филипче.

Министерот нагласи дека со овој опфат на вакцинација ние во континуитет сме во подолг временски период на намалување на бројот на случаите.

Во претходното деноноќие регистрирани нови 320 случаи на КОВИД-19 од направени 3.366 тестирања или 9,5 отсто, што е во рамки на просечниот процент на позитивност од претходната недела. Пријавени се осум починати лица и дополнителни седум преку системот „Мој термин”, за период од 14 до 19 декември 2021 година. Евидентирани беа и 214 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.558.639 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 222.064, бројот на оздравени пациенти е 208.938, на починати е 7.853, а бројот на активни случаи изнесува 5.273.

Според епидемиолошки анализи, во моментов во Скопје има активни случаи 2571, следи Битола со 384, Прилеп 377, Кавадарци 244, Охрид 225, Велес 168, Куманово 127 и Струмица 124. Во другите градови има под 100 активни случаи, а во Демир Капија нема ниту еден.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен завчера, бројот на новозаразени од КОВИД-19 е намален за 8 отсто минатата седмица во споредба со претходната. Од 13 до 19 декември заболеле 1922 лица. Процентот на позитивност се движи од 6,9 до 12,4, а просечно 9,6. Најмногу новозаразени има во Скопје.

Во минатата недела (13-19 декември) биле регистрирани 36 реинфекции на коронавирусот, а од почетокот на епидемијата вкупно се пријавени 1013 повторени инфекции односно 0,46 отсто од вкупно 221 411 заразени заклучно со 19 декември.

Хоспитализирани се 347 што е за 18,7 отсто помалку од претходната недела. Од нив, 243 се на кислородна поддршка и 12 на механичка вентилација.

СЗО предупредува за „нова бура” низ Европа поради сојот омикрон.