Познати добитниците на наградата „13 Ноември“

Град Скопје и оваа година ја доделува наградата „13 Ноември“ на физички и правни лица чија цел е промовирање на константните вредности во науката, уметноста, здравството, културата, образованието и спортот.

Од Одборот за доделување на наградата „13 ноември“ денеска информираа дека во конкуренција за наградата годинава биле предложени кандидати со исклучителни достигнувања во повеќе дејности.

– Нивните забележителни, успешни професионални кариери и достигнувања во областите во кои дејствуваат, високо котираат и се препознатливи според вредностите и многу пошироко од нашите државни рамки. Одлуката е донесена по пат на тајно гласање, следејќи ги упатствата на Одлуката за работењето на Одборот, се вели во соопштението.

Добитник на наградата од областа на публицистиката е академик Влада Урошевиќ, од областа на образованието и воспитанието проф. д-р Бона Бајрактарова и прoф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, од областа на културата Благој Чоревски, од областа на науката проф. д-р Елка Јачева-Улчар и од областа на уметноста Ѓорѓи Цуцковски. Годинашни добитници на оваа престижна награда се и проф. д-р Билјана Кузмановска и д-р Ирфан Ахмети од областа на здравствената заштита, од областа на хуманитарната активност ДНК музичко дуо Андреја Ѓорѓиески – Андреј, Владимир Блажев – Панчо и Елена Божиновска, од областа на социологијата Али Пајазити и од областа на спортот Атанас Костовски и СУГС Гимназија “Никола Карев”-Скопје.

Претседателката на Одборот за доделување на наградата Марија Станчевска – Ѓоргова им честита на годинашните добитници нз ова највисоко признание на Град Скопје.

Наградата со која се уважени низа значајни дејци во повеќе области, истакнати жители и организации, градители на културата и севкупниот јавен живот на нашата престолнина се доделува од 1955 година по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.