Поставени фотоволтаици на три училишта и градинка во Чаир

Фотоволтаици се поставени на три училишта и градинка во Чаир, плод на прекугранична соработка со Косово. Со овој проект општината ќе ги намали трошоците за електрична енергија, а заштедите ќе може да ги вложи во подобрување на условите во училиштата.

Министерството за локална самоуправа од Европската Унија и од буџетот на државата, обезбеди 212 000 евра за реализација на овој проект.

Ова го кажа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, на денешниот завршен настан за промоција на проект од програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Косово. Корисници на проектот за енергетска ефикасност во јавните установи се општините Чаир и Феризај (Урошевац). Во општина Чаир, поставени се  фотоволтаици на три основни училишта и на една градинка, во основните училишта „Лирија“, „Имри Елези“, „Хасан Приштина“ и во градинката „Снежана“.

Министерот рече дека со поддршка на Министерството за локална самоуправа и на Европската Унија, реализиран е уште еден корисен проект за општината и за граѓаните. Тој нагласи дека ова се конкретни придобивки од процесот на интегрирање на нашата земја во Европската Унија, кои што директно ги чувствуваат граѓаните.  

- Од ИПА фондовите на ЕУ, само преку програмата за прекугранична соработка со Косово, во вториот програмски период имаме реализирано 15 проекти во вкупна вредност од 5,4 милиони евра, од кои што 4,2 милиони евра се средства од ЕУ. Останатите 1,2 милиони евра се од буџетот на Министерството за локална самоуправа, кое што го обезбедува националното кофинансирање.  Преку овој инструмент на Европската Унија се финансираат голем број на проекти во општините, без дополнително да се оптоварат општинските буџети, што е голема придобивка за нас, рече министерот.

Тој додаде дека со отворањето на преговорите со Унијата, ќе се зголемат одговорностите, но и на достапните средства за развој на државата и на општините.  

- Ја имаме шансата да направиме историски пресврт за државата и пред се за граѓаните. Нашите граѓани да бидат рамноправни со сите други во Европската Унија, а тоа значи да имаат избор, да работат и да заработуваат подобро, да живеат подобро, подвлече Пенов.  

На настанот, меѓу другите, свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу. Тој појасни дека се поставени и енергетски ефикасни светилки. Градоначалникот подвлече дека со производство на струја од обновливи извори, не се загадува животната средина. Во време на енергетска криза кога сметките за струја се зголемени десет пати, рече дека како општина, сѐ повеќе користат обновливи извори на енергија и нагласи дека со тоа, трошоците им се намалени за четири пати. Ганиу рече дека како општина, користат електрични возила.