Подгответе ги платнените торби - од среда кесите ќе чинат по 15 денари

Денеска и утре подгответе ги платнените торби или хартиените кеси што ги имате низ дома, затоа што од среда пластичните кеси во продавниците ќе чинат 15 денари, наместо досегашните 2 или 3 денари од кеса. 

Законот предвидува забрана на употребата на пластични кеси во земјава, односно од први декември тие веќе нема да се произведуваат, додека кесите кои се биоразградливи ќе се наплаќаат по 15 денари.

Дел од граѓаните ја поддржуваат ваквата одлука и сметаат дека е во ред да се пазарува со платнена или хартиена торба која ќе си ја носат од дома, но има и такви кои сметаат дека многу попрактични се пластични кеси без оглед на штетата која ја предизвикуваат за животната средина долгорочно. 

За средствата од продадените пластични кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.

Од еколошото здружение„Гоу грин“ пресметале дека во просек трошиме по две пластични кеси по жител секој ден.

Според законот, од 1 декември се забранува користењето на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во Македонија.

Како што е познато, серија мерки се вградени во шест закони во делот на управување со отпад, што беа донесени во септември оваа година, со цел да се подигне свеста кај населението за намалување на отпадот и да се применат стратегиите и другите политики во Европската Унија за повторна реупотреба и рециклирање, користење на отпадот како гориво и депонирање, како најнепосакувана опција за справување со отпад.