Се навикнаа ли Македонците да пазарат без пластични ќеси?

Речиси два месеца граѓаните на пазарување одат со свои ќеси и торби, а дел од нив купуваат хартиени ќеси откако Владата воведе забрана за користење на пластичните, а биоразградливите се наплаќаат по цена од 15 денари. 

Се чини дека, македонците се навикна на промената. Велат дека најчесто од дома си носат ќеси или платнени торби, за, како што велат да не плаќаат 15 денари за една обична ќеса.

-Како што можам да забележам граѓаните веќе почнаа да се навикнуваат. Си ставаат неколку ќеси или торби во чанта или во автомобил, и кога ќе им треба за пазарување си ги користат. Ретко кој сака да плати ќеса дури 15 денари, која може и да се скине од преголема тежина. За секое правило си треба време за да биде прифатено во едно општество, но за сега е добро, вели еден скопјанец. 

Надлежните нотираат дека има големо намалување на потрошувачката на кеси по воведувањето на забраната, а маркетите продале и голем број на торби за повеќекратна употреба.

-Поминаа речиси два месеци од воведувањето на забраната. Во првиот месец – декември 2021 година од продажбата на биоразградливи кеси се собрани 14.413.019 денари. Според анализите кои ги започнавме да ги правиме во соработка со маркетите може да се заклучи дека имаме големо намалување на потрошувачката на кеси , оцени денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Најави дека ќе следат почести контроли во маркетите и додаде дека не е дозволена употреба на пластични кеси подебели од 15 микрони за носење стоки без разлика дали се со рачки или без рачки и додаде дека таквите кеси мора да се плаќаат по 15 денари.

Кесите потенки од 15 микрони, посочи, се за хигиенска употреба и може да се користат за пакување месо за што маркетите плаќаат.

-Во контакт сме со Пазарниот инспекторат за да има построги контроли за имплементирање на законите. Контролите ќе ги започнеме во поголемите маркети, бидејќи тие се и најголеми потрошувачи на кеси, најави министерот.