Откриени нови количини линдан во ОХИС

Уште три тони нови количини линдан се пронајдени во магацините на ОХИС, при контрола на Државниот инспекторат за животна средина. 

Од Министерството за животна средина велат дека се информирани дека овие хемикалии и опасен отпад се најдени во магацинот и дека е обврска на сопственикот да ги отстрани на соодветен начин.

„Компанијата која е сопственик на магацинот мора да избере фирма која линданот ќе го транспортира на безбедно уништување, според прописите кои ги наложуваат Стокхолмската конвенција за перзистентни органски загадувачи за начинот за постапување со овие хемикалии и Базелската конвенција за безбеден транспорт на опасен отпад“, велат во Министерството.

За време на истиот надзор се пронајдени и други хемиски средства и пестициди кои фирмата „Хемиски инженеринг“ ги презела од ОХИС, но кои не биле евидентирани во Министерството за животна средина и просторно планирање и во Инспекторатот. 

„Во ѕидан објект од околу 100 квадратни метри, затворен со метална врата и заклучен со катанец, затекнат е пестицид линдан во оригинално пакување во книжни вреќи од 30 килограми складиран на дрвени палети, во вкупна количина од околу 3.100 килограми. Исто така во близина на објектите каде се вршела електролиза, затекнати се три затворени метални цистерни со волумен од околу 25 кубни метри, во кои се чувало хлор“, се вели во соопштението на Инспекторатот.

На сопственикот, инспекторите му наложиле да направи попис на сите хемиски средства и опасен отпад во објектите кои ги преземал и да ги отстрани во рок од 90 дена. Во близина на опасниот отпад инспекторите констатирале и дека се сечат метални цевки заради што забраниле и секакви активности врз градежните објекти, резервоарите и цистерните.