Османи по секоја цена сака Македонија да излезе од „Отворен Балкан“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателски кандидат на Европскиот фронт, денеска повтори дека останува на ставот за иницијативата Отворен Балкан, и дека ќе ја информира Владата по однос на околностите на случајот Бањска, а Владата ќе процени и ќе реши дали тоа оди спротивно на основниот принцип на иницијативата.

„Јас кажав кои беа основните цели на Отворен Балкан, дека тоа беше една иницијатива на Албанија поддржана силно од САД. Значи, немало разговор којшто сум го имал со САД, а да не не’ охрабрувале за да ја поддржиме таа иницијатива, бидејќи имаше две цели – едно помирување, второто беше ослободување на економскиот потенцијал на регионот заради административните бариери. Мојот став беше само по однос на првиот столб на иницијативата – помирувањето, бидејќи тоа што се случи во Бањска оди спротивно на основниот принцип на двата столба што ние сме ги прифатиле. Јас ќе ја информирам Владата на првата затворена седница бидејќи сепак цела информација е од доверлив карактер што се случува таму, кој се бил инволвиран и Владата после нека процени дали се исполнети двата услови. Јас мислам дека Отворен Балкан ги има тие предуслови – помирување што значи меѓусебно почитување, економски потенцијал и се разбира да биде инклузивно, да бидат сите шест (земји од регионот). Така што, мојата улога како министер е тоа да ја информирам Владата, а после Владата ќе реши“, рече Османи

На прашањето дали очекува дека Отворен Балкан ќе ги смири тензиите меѓу Косово и Србија, со оглед на тоа што со години други меѓународни институции не можеа тоа да го постигнат тоа, Османи, вели ќе ја поддржи секоја иницијатива за затворање на тој спор.