Ахмети: Бујар Османи ќе биде кандидат за претседател на ДУИ

Она што подолго време се збореше во јавноста денес доби потврда. Бујар Османи ќе биде кандидат за претседател на Демократската унија за интеграција, најави лидерот на партијата, Али Ахмети кој имаше јавно обраќање исклучително на албански јазик во кое ги повика граѓаните да изберат претседател и заменик претседател со 2/3 од гласовите, односно со двојно мнозинство.

- “Ве поканувам да ни се придружите на најважниот референдум во тоа време за: Кажете „не“ на Русија, „да“ на Европа! Ајде да избереме претседател и заменик претседател со 2/3 од гласовите и двојно мнозинство Бадентер. Бујар треба да ја очекува оваа промена што ја бараме и во нашата програма за 2016 и 2020 година. Отворањето на Уставот за случајот на претседателот ќе овозможи и усвојување на Договорот за добрососедство и продолжување на европската интеграција.“, рече Ахмети.

Долго време се збореше за поддршка на ДУИ за претседателскиот кандидат на СДСМ но ова се изјалови откако обединетата албанска опозиција го кандидираше Арбен Таравари па од тие причини и ДУИ на некој начин беше приморана да кандидира свој кандидат.

За СДСМ пак ќе трча актуелниот претседател Стево Пендаровски. Оваа одлука на трети март ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека на јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори пријавена е професорката Гордана Силјановска Давкова која поднела план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати.

Актуелниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски исто така ќе се кандидира за претседател, а како што рече како кандидат го предложила неговата партија ГРОМ.