Општина Петровец доби нова општинска зграда

Вчера во Општина Петровец свечено беше пуштена во употреба новата општинска зграда.

Според изјавата на градоначалникот на општината, Борче Митевски новата, модерна и функционална зграда за потребите на општинската администрација целосно е изградена од општински средства.

- Денес јас сум горд, бидејќи заедно со моите советници, заедно со општинската администрација како што ветивме точно пред една година дека ќе направиме нова општинска зграда ветувањето денеска е реализирано.
Општинската зграда е со големина од 700 метри квадратни, а за изградба на општинската зграда беа потребни 34 милиони денари издвоени од буџетот на општина Петровец. Јас сум горд што општина Петровец не е должна ниту еден денар. Реализиран е голем број на проекти. Во изминативе само два три месеци завршивме темелна реконструкција на училиштата во Горно, Средно и Долно Коњаре, асфалтиравме пат за населеното место Брезица во должина од 700 метри, поставивме камен темелник на нова детска градинка со капацитет за 70 деца со што го решаваме проблемот на родителите за згрижување на нивните деца, порача градоначалникот на Петровец. 

На настанот присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој додаде дека општината и покрај тоа што успеала за кратко време да изгради ваков модерен објект, таа и понатаму успешно и без застој не престанува да ги реализира проектите за граѓаните.