“Независни за Карпош“ повикуваат на протест против изградбата на 17 катницата во Карпош

Советничката група “Независи за Карпош“ ги повикуваат граѓаните утре во 11:55 часот пред платото на СЦ Борис Трајковски во близина на раскрсницата со булеварот 8-ми Септември, да излезат на протест против отпочнувањето со изградба на контроверзната зграда од 17 ката што треба да се гради во непосредна близина на бензинската станица Макпетрол.

Од Независни за Карпош велат “дека за свој личен профит се уништува Карпош и Скопје. Ја докусурија цела држава, ни го одземаа правото на здрав, хуман и достоинствен живот“.

Инаку во текот на вчерашниот ден  изградбата на оваа зграда доби на правосилност откако на 18 јануари градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски ја потпишува дозволата.

Од информациите кои излегоа во јавноста зградата за која се предвидува дека треба да вдоми 2000 жители се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

Експерти запознаени со ова проблематика велат дека во близина на болницата не треба да има високи објекти зошто нема да има простор за пристап на хеликоптери до болничкиот комплекс, а тука посебна тежина се дава на оваа болница зошто е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово.