Обид за цензура и притисок врз медиум во прикриениот демант на Град Скопје

Кога ги прашуваш не одговараат, кога пишуваш за нив се закануваат со тужби за клевета вршат квалификации и притисок-вака накратко може да се опише односот на Град Скопје кон медиумите откако Арсовска застана на чело на градот. Имено вчера експресно ни стигна демант од град Скопје за нашиот текст како што они го квалификуваа „клеветнички“. Искрено не ни е јасно што градот фактички демантира сепак во интерес на јавноста ќе го објавиме нивниот демант за подоцна да го дадаме нашето мислење за содржината на истиот.

„Согласно законот за утврдување на граѓанска одговорност поради невистинитите и тенденциозни наводи во текстот , “ Што води Арсовска, туристичка агенција или град - колку чинат патувањата на градоначалничката?“, објавен на порталот скопје инфо.мк, на 29.03.2024 година,  бараме овој демант во целост да го објавите и текстот да биде повлечен  од порталот.  

Ценејки ја упорноста и трудот да се набележат сите службени патувања на градоначалничката Арсовска, зачудува тоа што авторот не забележал дека не се работи за билатерален ангажман, во рамки на меѓународната соработка на Град Скопје, туку се работи за настани кои ги организираат реномирани меѓународни институции, значајни за глобалните процеси.  Воедно ниту е побарана информација од Градот Скопје, како би можела да биде застапена другата страна со цел да се превенираат клеветнички текстови кои штетат на угледот на Градот. Поканите од страна на Советот на Европа - Council of Europe, Стејт Департментот на САД, УНДП и останатите меѓувладини иницијативи се настани кои треба со посебен пиетет да се проследат затоа што од меѓународната заедница градот Скопје а до тоа и Република Македонија се препознаени и почитувани. Сите покани од овие меѓувладини меѓународни институции, резултираат со признанија за Скопје и за Република Македонија кои се досега незабележани.

Воедно истакнуваме дека патувањата и престојот на овие настани кои што сте ги набројале во Вашиот текст, за жал и големо разочарување на душебрижниците и недобронамерните дневнополитички паразити, не се на трошок на буџетот на Град Скопје, туку на организаторите на настаните. 

Три години е предолг период да не се научи дека трошоците за виски, бифтеци, луксузирања, репрезентации и ненаменското трошење на буџетски средства се обележје на претходните градоначалнички мандати. 

Овој демант, бараме во целост да го објавите во законски утврдениот рок и да се извините, а клеветничкиот текст да го отстраните, во спротивно вистината ќе се докажува пред надлежниот суд“.

Очигледно ПР тимот на Арсовска (со оглед дека градоначалничката повторно не е во Скопје туку е во Советот на Европа) не си ја проверуваат електронската пошта. Имено Скопјеинфо во два наврати до официјалниот мејл за комуникација со медиумите има испратено прашања за проблематиката за која пишувавме и тоа не еднаш туку два пати. Се со цел да им ја освежиме меморијата на проверувачите на електронската пошта би сакале да им помогнеме во потрагата. Првото прашање е испратено на 18.12.2023 година до  kabinet@skopje.gov.mk, mediumi@skopje.gov.mk во 2:06 часот попладне значи во работно време со следнава содржина:

Почитувани, 

Ќе ве замолам за бидејќи е во доменот на јавен интерес ако може да ни дадете информација околу службените патувања на градоначалничката Арсовска 

1. Колку службени патувања надвор од Македонија се направени во изминатава година

2. Колку средства се потрошени за истите од буџетот на град Скопје,а ако не се потрошени тогаш кој ги плаќа

3. Колку лица од кабинетот на градоначалничката Арсовска патуваат со неа

4. Кој ги плаќа тие патувања, т.е. дали средствата се одвојуваат од буџетот на град Скопје или истите ги плаќа организаторот 

Ви благодарам. 

Со оглед дека не добивме одговор истите прашања ги препративме со истата содржина ги препративме после 4 дена ( или 3 дена, не сметајќи го денот кога за прв пат ги пративме) на 21.12.2023 година во 11:08 часот повторно во работно време.

Како портал чиј фокус е градот Скопје и општините сме се потрудиле да ја дознаеме и приказната на втората страна во согласност со новинарските стандарди и правила и затоа пред да го објавиме нашиот текст сме чекале цели 3 месеци!

Од она што ние го имаме досега како искуство е дека Град Скопје до сега ни нема одговорено на ниту едно прашање, и тоа не само на нас туку и на други медиуми. Токму игнорантскиот однос на Град Скопје и заканите со тужби кон медиумите може да се протолкуваат како притисок врз слободата на говорот и обид за цензура. Наместо Арсовска и луѓето околу неа да се занимаваат со новинарите и да се обидуваат да ги задушат прашањата кои се поставени кон нив, а се во доменот на јавниот интерес би било добро да се посветат на работата. Во првите денови од мандатот на градоначалничката Арсовска кога сакаше да направи разлика со нејзинот претходник кажа дека сега работите во градот ќе се сменат на подобро и дека приоритет ќе биде отчетноста и транспаретноста на сите служби во Градот. Наместо тоа ние како медиуми добивме тотално помрачување, квалификации, закани со тужби, обид за цензура и притисок врз слободата на говорот.

И за крај би сакале да порачаме дека не е доволно да ве препознаваат и да ве ценат само надвор од Македонија и да ви доделуват признанија како што сте напишале во демантот. Треба да ве препознаат и да ве ценат и овде во Македонија поточно во градот Скопје и од скопјани зошто на крајот граѓаните се оние кои даваат и земаат на избори, а изборите се многу блиску-наредната 2025 година.