Новогодишна еуфорија во април, Арсовска уште од сега не спрема за идниот дочек на Нова година

Новогодишна еуфорија во април месец сеуште може да се забележи во главниот град. Украсите кои ги постави град Скопје уште пред 5 месеци сеуште не се остранети, а тука се и новогодишните куќарки кои Град Скопје ги стави на Плоштадот Македонија пред Нова година се уште се таму.

Освен куќарките, долж булеварот свети Климент Охридски не се извадени дел од новогодишните украси. Иако не светат, се уште висат сијаличките и чадорчињата над булеварот.

Причината зошто среде строгиот центар на Скопје уште има новогодишни украси засега не се знае.

Лани главниот град беше украсен една недела пред дочекот на Новата година, а украсите од улиците почнаа да се вадат дури во март. За украсувањето се заинтересира и финансиската полиција, но оттаму досега немаат соопштено до каде е истрагата за тоа кој го украсил градот и за колку пари.

Поради критиките дека градот доцна беше украсен, градоначалничката Арсовска најави дека во 2024 година ќе се накити уште во септември.