Напад на мигрена? Пробајте ги овие природни техники

Луѓето кои патат од мигрена, знаат колку се тешки деновите кога се соочуваме со ваквиот проблем.

Photo by Andrea Piacquadio

Нападите на мигрена не само што предизвикуваат болка, туку и мачнина, замор, чувствителност на звук. Иако посетата на невролог е најдоброто нешто што можете да го направите за себе, сепак постојат и одредени домашни лекови кои ќе ги ублажат симптомите.

Мирен и мрачен простор со смирувачка музика

Многу луѓе кои имаат мигрена се чувствителни на светлина. Затоа, најдобро е да најдете темен простор во кој ќе успеете да се одморите. Тоа можеби нема целосно да ја отстрани болката, но ќе помогне да ги ублажите симптомите. Но, имајте на ум дека смирувачката музика не помага секому, бидејќи некои луѓе се чувствителни дури и на најмалите звуци.

Магнезиум

Многу истражувања покажуваат дека овој минерал придонесува за превенција на мигрените и намалување на болката кога таа ќе почне. Но, треба да знаеме дека за лечење е потребна малку поголема доза од онаа што ја користиме за превенција, но тоа не треба да биде ваша лична одлука, туку на вашиот матичен лекар или невролог. Освен тоа, добро е редовно да се консумира храна која е богата со магнезиум, бидејќи тоа ќе помогне во намалување на мигренозните напади.

Мраз

Обично пакување мраз помага во ублажување на болката. За многумина кои имаат проблем со мигрената, ова е како магично решение. Во денешно време постојат и други различни производи кои можете да ги купите, а секој од нив нуди некое решение на сличен начин. Мразот е одличен за смирување на болката.

Акупресура и акупунктура

Овие две техники се различни, а дел од луѓето кои страдаат од мигрена ја применуваат акупресурата во својот дом. Но, за тоа е потребен совет од експерт. Она што е важно да го знаеме е дека притисокот на одредени точки може да помогне во намалување на болката.

Ѓумбир

Еден од симптомите кај мигрената е мачнината. Затоа, ѓумбирот е корисен да се консумира за време на мигрената. Најдобро е да земате пастили, односно бонбони за лижење од ѓумбир или пак чај кој дефинитивно може да ви помогне.