Најдобрите чаеви кои ќе ве опуштат пред спиење

Природните билки се еден од најдобрите начини за да заспиеме.

Photo by Sixteen Miles Out on Unsplash

Тие имаат моќ да ни помогнат да се избориме со стресот, но и несоницата. Многумина од нас често имаат проблеми со спиењето поради стрес, патувања, промени во животниот стил и тн. Меѓутоа, ако често имате проблеми со несоница и се будите исцрпени, тогаш важно е да преземете мерки за да си помогнете.

Постојат одредени билки кои се познати како природен лек за намалување на заморот и подобрување на квалитетот на спиењето. Тие му помагаат на телото да се опушти и да ја намали емоционалната напнатост.

Камилица

Photo by Catia Climovich on Unsplash

Нежните цветови од камилица одамна се користат во лечење на различни проблеми, вклучувајќи го и лошиот сон. Познато е дека овој чај има смирувачки својства кои се совршени за да нè смират пред спиењето. Овој чај содржи апигенин, кој ги опушта мускулите и има благо седативно дејство. Затоа, камилицата е еден од најдобрите избори ако сакате мирно и лесно да заспиете.

Нане

Photo by Anton Darius on Unsplash

Нането придонесува за намалување на подуеноста и помага кај проблемите со стомакот, но е одлична билка и против стресот. Делува како релаксатор на мускулите и помага лесно да потонете во сон. Шолја од овој чај се препорачува пред спиењето, бидејќи и не содржи кофеин. Чајот од нане е добар избор пред спиење и ако сте имале тежок оброк пред да си легнете.

Валеријана

Photo by David Mao on Unsplash

Чајот од валеријата се прави од коренот на билката Валеријана која поттекнува од Азија и Европа. Таа е една од најпознатите билки за намалување на вознемиреноста, поттикнување на чувството на смиреност и подобрување на сонот. Овој чај често се препорачува како алтернатива на мелатонинот, хормон кој е важен за опуштањето и добриот сон.

Лаванда

Photo by Drew Jemmett on Unsplash

Лавандата има еден од најсмирувачките мириси, а таа е ефективна и поради тоа што го смирува нервниот систем и го намалува нивото на стрес. Одредени истражувања покажуваат дека таа е ефикасна и кај луѓето кои страдаат од депресија. Доколку не сакате да пиете чај, се препорачува и маслото од лаванда кое го подобрува расположението и придонесува за непрекинат сон во текот на ноќта.

Липа

Photo by Content Pixie on Unsplash

Листовите на липата се полни со антиоксиданси и други состојки кои помагаат за подобро кардиоваскуларно здравје. Но, липата е позната по тоа што помага кај благата несоница и ги намалува тешкотиите. Една од нејзините активни состојки е етеричното масло фарнесол кое помага при опуштањето.