Мигрена или обична главоболка: Како да ја препознаете разликата?

Главоболките се тешки, секој од нас ќе се согласи со тоа.

Photo by Bermix Studio on Unsplash

Тие се јавуваат од различни причини. Но, како да ја препознаеме разликата меѓу мигрена и обична главоболка?

Кога луѓето велат дека ги боли главата, најчесто станува збор за тензична главоболка, која се јавува како резултат на стрес. Таа е најприсутна во пределот на челото, а може да се прошири и кон скалпот и вратот. Зависно од причините и ситуацијата во која се наоѓате, може да биде минимална, но и силна. Но, ваквата главоболка најчесто не влијае на вашето секојдневие и не вр прави чувствителни на светлина, звук и тн. Ваквите главоболки најчесто траат од 15 минути до неколку дена. Освен тоа, одредени апчиња како Аналгин, Кафетин, Ибупрофен и тн можат да помогнат во нејзино отстранување.

Но, мигрените се поинакви и тие вклучуваат многу повеќе од болка во пределот на главата. Всушност, кај некои мигрени, самата болка и не претставува најголем проблем. Тоа е така бидејќи таа се јавува со гадење, зголемена чувствителност на звуци и светлина. Таа се јавува во неколку фази и тоа:

Продром -  ова се деновите кои претходат на нападот на мигрена, кога може да се јави промена на расположението, зевање, подуеност, но и зголемен апетит кај некои луѓе.

Аура – дел од оние кои имаат проблеми со мигрената имаат мигрена со аура, а останатите мигрена без аура. Аурата значи присуство на светли бои, како бранови, кои му претходат на мигренозниот напад или пак се дел од него. Оние кои имаат мигрена без аура се соочуваат со интензивирана болка, чувство на гадење и потреба да бидат во темна просторија.

Главоболка, односно напад -  самиот напад значи тешкотија да се функционира и е придружен со повеќе различни симптоми. Кај мигрените, одредени активности можат да ги влошат симптомите, односно да ја интензивираат болката.

Постдром – ова е состојбата која доаѓа по завршување на нападот и кога болката и симптомите полека исчезнуваат, но на личноста и е потребно време додека се врати на свое. Кај некои луѓе се јавува збунетост, замаеност и замор.

Ако одредена главоболка ви претставува тешкотија и го попречува вашето функционирање, важно е да посетите лекар и да не го одложувате тоа, бидејќи може да станува збор за потешка состојба. Генерално гледано, во денешно време во кое луѓето минуваат многу време на своите телефони и компјутери, а и се соочуваат со зголемен стрес, главоболките се честа појава, но значајно е да сте едуцирани за што станува збор и што може да ви помогне за намалување на болката.