Кривична пријава за тројца скопјани за „загрозување на животната средина и природата со отпад“

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(47), Е.С.(51) и против Т.М.(57), сите од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на животната средина и природата со отпад“ и „узурпација на недвижност“.

Како што се наведува во денешниот МВР-билтен, инспектор за животна средина на Град Скопје и надлежни служби од Општина Бутел извршиле контрола на диво создадена депонија на земјиште кое било дел во државна сопственост, а дел приватни парцели на улицата „Александар Урдаревски“.

При контролата било затекнато товарно возило, сопственост на правно лице, управувано од А.А. Тој вршел истовар и депонирање на земја на барање и ангажман на второпријавениот Е.С. Земјиштето било сопственост на третопријавениот Т.М.