Криумчар на мигранти бегајќи од полицијата скршил наплатна рампа

Вчера, околу 11.20 часот, на автопатот Гевгелија – Скопје, во близина на наплатна станица Смоквица, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во Бирото за јавна безбедност го лишиле од слобода 44-годишниот Д. Ц. од Виница, извести МВР.

„При преглед во товарно возило ‘ситроен џампер’, со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 20 лица мигранти (19 од Сирија и 1 од Ирак), меѓу кои четири малолетници. Имено, тој претходно не застанал на знакот за запирање даден од полициските службеници, продолжил со движење и со возилото скршил рампа на наплатната станица по што скокнал од возилото и го напуштил местото. Набргу, по преземените мерки, Д. Ц. бил пронајден и лишен од слобода“, соопшти МВР.

Тој бил задржан во полициска станица и во консултација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава, а мигрантите биле сместени во прифатен центар за странци во Скопје.