Кој тоа сака да ја минира солидарноста на солидарно Скопје?

Активистот и хуманитарец Јасмин Реџепи сподели фотографија од центарот на Скопје, каде минатата недела се собираше помош за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија.

-Оваа фотографија е симболичен приказ на солидарноста на Скопјани, но и на граѓаните од другите градови.  Приказ е и на бројните турски граѓани, студенти и тешки физички работници, кои одржуваат 24 часовни смени во прифат, селектирање, запишување, пакување и товарење, во услови на минусни температури и слабо ноќно осветлување.

За да се допише спецификацијата за неколку шлепери кои само од Плоштад Македонија тргнаа кон граница, ги поканивме студентите да пишуваат во една од канцелариите на Легис, барем да не мрзнат додека пишуваат. При запознавањето, една од студентките ни раскажа:

"Јас сум од Газиантеп. Моето семејство го преживеа земјотресот, но други роднини не го преживеаа. Јас сум на плоштад секој ден, од утро до вечер, сакам да направам нешто за својот народ, бидејќи немам повеќе дом каде да се вратам. И сега ни дошла инспекција со барање: "да го исчистиме плоштадот од оваа депонија" а тоа е нашиот труд, нашата и вашата љубов за народот во Турција. Навистина сум повредена и разочарана..."

Немавме зборови за утеха, но останавме да размислуваме кој тоа сака да ја минира солидарноста на солидарно Скопје? - вели во својата објава Реџепи.