Прифатниот центар за бездомни лица во Сарај ќе се реновира. Објектот кој изгоре пред точно една година ќе се врати во функција, соопштија од Министерството за труд и социјална политика. Градежните работи ќе ги изведува фирмата „Квалитет Бетонида“ од Мала Речица. Објектот е составен од две бараки, кои имаат капацитет од околу 50 лица. Реконструкцијата се очекува да биде готова заклучно со август, а предвидено е реновирање на подот, плафонот, електричната излоација и санитарните јазли.
„Чичино село“ инаку е составен од 5 бараки, од кои моментално само 3 се во функција, а две настрадаа во пожар пред точно една година. Во нив се сместени бездомни лица, кои таму добиваат комплетна грижа, услови за одржување лична хигиена, лекарски преглед како и 3 оброци на ден. Министерството за оваа реконструкција издвои 4,7 милиони денари од сопствениот буџет.