И од смртта сакаат да направат бизнис: Скопјани препродаваат гробни места за 10.000 евра

Постојано се зборува за високата инфлација и тешкиот животен стандард, но по се изгледа не е ништо поевтино ни заминувањето од овој свет, а граѓаните во Македонија не бираат начини за да се збогатат.

Доколку ги отворите активните огласи во Македонија на некоја од онлајн огласниците ќе видите и огромен број на огласи за продажба на гробно место, но тоа можеби и не е толку чудно, колку цената по која истите се продаваат.

Додека купопродажбата на гробно место во Скопје преку АД Бутел чини 200 до 300 евра, граѓаните преку оглас своите веќе купени места ги препродаваат за 5 до 10 пати поскапо, па дури и на овој морбиден начин се обидуваат да заработат некое евро плус.

„Цената на ново гробно место е 11.824 денари и во таа цена влегува односно е збир од надоместок за доделување ново гробно место со бетонски фундамент 10.400 денари, надоместок за обележување и изработка на протокол за регулациска, градежна и нивелациска линија 354 денари, гробна евиденција 750 денари и надомест за одржување на гробиштата 320 денари“, стои во објаснувањето на АД Бутел.

Сепак, веќе на сите им е познато дека поради искористеноста на просторот на гробиштата во Скопје многу тешко е во последен момент при несреќа да се купи гробно место, па овие препродавачи знаејќи ја маката, дури и во такви тешки моменти гледаат да заработат големи пари.

Најевтиното гробно место кое можевме да го најдеме во онлајн огласите чини "само" 600 евра и тоа на гробиштата во Драчево, а цените достигнуваат до вртоглаци 5-6.000 евра. Некои дури нудат "елитни" места за поскапа цена па на еден оглас може да се прочита продажба на премиум место на православните гробишта во Ѓорче Петров, кој оди заедно комплет со гранитен надгробен споменик и мермерен тротоар и вазни. Премиум место - прв ред, веднаш спроти капелата, а цената 4.500 ЕУР, намалено од 10.000 евра.

„Продавам гробно место во Бутел, во близина на Борис Трајковски. Гробното место е добро сочувано и се наоѓа веднаш до асфалтирана патека. Цена 2.500 евра“

Доколку имате пари, во огласите може да се најде гробно место на било која локација во Скопје и за верници од секоја вероисповед. Дел од нив се продаваат поради преселба од државава, но веројатно има и такви кои прават бизнис и од оваа работа, па купуваат гробно место а потоа го препродаваат за многу повисока цена.