Гласната музика остава пола метропола без сон

Ноќните клубови, кафулињата и другите угостителски објекти со почетокот на летната шема прават своевидна децибелна агресија врз сонот на граѓаните и летото им го претвораат во кошмар, револтирано негодуваат жителите на Карпош и на Центар.

Надлежните ги потврдија жалбите на скопјани, а официјално, инспекциите на територијата на една општина во просек изрекуваат десетина казни годишно. 

Законот за бучава во животната средина и правилникот на дозволенониво на бучава во период од 19 до 23 часот дозволува гласна музика до 55 децибели, додека по 23 часот не смее да има надминување на 45 децибели. Не се смета дека е нарушен мирот на граѓаните ако се вршат вообичаени веселби како што се свадби, матурска прослава, веридба или прослави на државни празници, иако се прават за време на попладневниот одмор од 15 до 18 часот.

- Живеам близу Зоолошката градина и музиката која доаѓа од кафеаните околу неа е прегласна. Веќе напамет го знаеме репертоарот и редоследот на песните, а нашите укажувања никој не ги есапи - вели револтирано возрасниот сограѓанин, во изјава за Нова Македонија.

Состојбата со ноќната бучава, според анкетираните, е иста и на територијата на општината Центар, каде што луѓето велат дека и покрај нивните жалби, надлежните тешко се справуваат со неа. Според нив, општинските инспекции треба почесто да прават патроли, а прописите да се почитуваат секогаш и секаде.

- Во многу случаи законот се заобиколува и музиката трае до рано изутрина. Замислете како им е на оние кои имаат мали деца, оние кои треба да одат на работа. Апелирам до надлежните да ги засилат патролите за контролирање на тоа кој до кога и колку гласно пушта музика - изјави Олга.С., жителка на општината Центар, за Нова Македонија.

Мерењето на бучавата во и од угостителските објекти е во надлежност на општинските инспекции, како и преземањето мерки за ставање на состојбата под контрола.

Од општината Карпош потврдија дека најмногу поплаки од граѓаните за висока бучава има во летниот период, кога е продолжено работното време на кафеаните. 

Како што појаснија надлежните, оние што не се придржуваат до прописите и законите ќе сносат високи парични глоби.