Фото: Осветени темелите на нова црква во Ѓорче Петров

Во населбата „ Даме Груев “ , општина Ѓорче Петров , поставени се темелите на новата црква „ Св Преображение Христово“. Со овој чин чиноначелствуваше Архиепископот Македонско –Охридски г-дин г-дин Стефан со свештеници од МПЦ. На свеченоста присуствуваа и председателот на Македонското Собрание Трајко Вељановски, градоначалникот Сокол Митровски, познати лица од јавниот и политичкиот живот во државата и голем број верници од сите делови на градот Скопје.

Во темелите беа поставени три мермерни плочи на кои го пишува името кое ќе го носи црквата, датумот на поставување на темелите но исто така е ставена и повелба од МПЦ во која се напишани сите личности во чие време започнува изградбата.

Во своето обраќање пред многубројните гости градоначалникот Митровски истакна: „Овде сме сите заедно за да бидеме сведоци на уште едно поглавје од историјата на нашето Ѓорче Петров и нашата Света Македонска православна црква. Ние сме генерација која после многу десетици години ја имаме честа да бидеме сведоци на започнување со изградба на нова црква и затоа сме неизмерно и среќни и горди. Граѓаните на нашата општина ќе дадат свој придонес за брза реализација на проектот, а со тоа ќе оставиме траг во историјата за нашето постоење и за нашата свест и почит кон верата, кон бога и кон Светата Македонска православна црква“.

Новата црква во основа ќе има 380 квадрати со три куполи. Работите ќе ги изведува „ Жикол“- Скопје. Изградбата е предвидено да трае 36 месеци.