Парното од денеска поскапо за 4,51 отсто

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) вчера донесе одлука со која за 4,51 отсто се зголеми цената на парното греење во Скопје. Според најавите од РКЕ, не се очекува да има корекција на цената до крајот на грејната сезона и покрај најавеното воведување такса од 10 евра од страна на Бугарија за транспорт на мегават час руски природен гас низ бугарскиот гасовод.

- Корекции на цената до крајот на грејната сезона нема да има без разлика на таксата за руски гас. На последниот тендер за набавка на природен гас, цената е вообичаена и е некаде во рамки на берзата во Холандија, најголемата берза во Европа. Дали во таа цена е вкалкулиран екстра трошок или не, не знаеме, но цената е во рамки на цената на европските берзи. Верувам дека во наредниот период ќе бидат преземени сите мерки, зашто Македонија на ниту еден начин не треба да биде погодена од воведувањето на оваа такса зашто оваа такса се однесува исклучиво на руски гас и јасно е дека земјава не била таргетот, туку тоа се други држави кои не знам од кои причини се однесуваат така како што се однесуваат, рече вчера претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тоа, како што кажа, не е работа на РКЕ, а една од опциите е и да ни се зголеми капацитетот на интерконективниот гасовод што го имаме со Бугарија за да може да доаѓа природен гас и од други земји, освен од Русија.

-Сметам дека Македонија на ниту еден начин, со ништо, не предизвикала цената на природниот гас во државата да се зголеми, рече претседателот на РКЕ.