Денешните девојки се направени по ист шаблон, без трошка оригиналност, со еден тон шминка и без стил

Драги мои девојчиња, девојки, жени,

Ве гледам додека се разминуваме низ улиците, маркетите, автобусите и морам искрено да ви кажам: Сите сте исти. Фабрички произведени, без трошка оригиналност. Со еден куп шминка, без стил. Што правите од себе?

Сфаќам дека модата треба да се следи, тоа отсекогаш било така, бидејќи модата постои за да се следи, зарем не?

Но, премногу робувате на некои нови трендови, преокупирани сте со модни марки и брендови, поважна ви е етикетата од она што би требало да го имате во себе. И да се разбереме, не ви се мешам во вашето облекување и шминкање, јас немам право на тоа, само како неутрален набљудувач ви кажувам како изгледа тоа отстрана. Не сте природни, воопшто не изгледате така. Изгледате како некои кукли од излог.

Пред некој ден стојам на ред на касата во еден маркет и девојката пред мене зборуваше на телефон. Кога заврши со разговорот, видов дека нешто не е во ред со екранот, сјаеше некако чудно. Кога погледнав поубаво видов дека на екранот останала половина од нејзината пудра и тоа количина која јас ја користам за цела недела. Сериозно ви кажувам дека претерувате!

Не само што прерано започнувате толку многу да се шминкате, па иако сте девојчиња изгледате како жени, а некои девојки дури изгледаат и како тетки, туку и тоа не е здраво за вас. Кожата не ви дише, се гуши. Зарем не слушате како вика и ве моли за малку милост?

Кожата ќе ви остари предвреме, ќе имате брчки на млади години. Мислите дека машките сакаат да ве бакнат, а на уста да им остане едно кило пудра и кармин? Верувајте ми – не! Природното е убаво, со многу малку шминка. Неколку мали трикови и ќе бидете супер. И кога користите парфеми барем гледајте да не бидат како евтини копии на оној озогласен парфем „Бугарска роза“ и не полевајте со него. Ако мислите дека баш така ќе заведете некого, што да ви кажам... можеби некој ќе се онесвести од преинтензивниот мирис. Умереноста е уметност!

И уште нешто: тоа што носите скапи работи, не значи дека не изгледате евтино. Бирајте работи кои ви стојат и кои умеете да ги носите, а не оние кои се во мода. Модерното не секогаш значи и убаво.

Не мораш да бидеш гола за да бидеш посакувана: сексапилот е во однесувањето, а не гардеробата. Бидете свои и негувајте ја својата оригиналност.

Немојте да бидете како сите, бидете тоа што сте – бидете ВИЕ!