Д-р Даниловски е скептичен за резултатите од ковид-скринингот, бидејќи не се спроведува пропорционално и систематски

Продолжува серолошкиот скрининг во Скопје. Вчера, со логистичка поддршка од Општина Карпош, на платото во Т.Ц „Лептокарија“, Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, спроведе научно истражување, за да го утврди процентот на луѓе кои стекнале антитела од вирусот Ковид – 19.

По случаен избор на граѓани, стручните лица од Институтот земаа примероци од крв, преку кои ќе го анализираат присуството на антитела на КОВИД -19, а по една седмица, граѓаните ќе добијат бесплатен клинички резултат по електронски пат, на својата мејл адреса.

Во рамки на вчерашниот серолошки скрининг во Карпош, беа земени околу 200 единици крв од потребниот примерок за анализа. Истражувањето ќе се спроведе и во другите скопски општини, при што треба да се испитаат вкупно 1.000 примероци, според кои треба да се утврди процентот на колективен имунитет на граѓаните од главниот град.

Серолошкиот скрининг кој почна во Скопје, е планиран да се спроведе на повеќе локации кои не ги откриваат со цел да не доаѓаат луѓе наменски да се тестираат, туку да добијат преглед за состојбата на терен од случајни минувачи. 

Доктор Даниловски е скептичен за резултатите од скринингот, бидејќи не се спроведува пропорционално и систематски.

-Не може по случаен избор да се собираат граѓани. Постои нешто што се вика вкупна популација во државата, поделена е на територијални единици. Скопје е најголема, но им аи други населени места сите имаат разлилна големина и треба пропорционално да се собере одрреден број граѓани за тестирање од секоја од тие територијални единици. Вака ова ѓутуре се вели народски, како кога се прават анкети за плитички и разно разни работи. Аматери, вели д-р Драган Даниловски.