5 митови за храната во кои треба да престанеме да веруваме

За жал, во денешното живеење постојат многу митови за храната кои се достапни на интернет, но со кои нутриционистите не би се сложиле.

 Photo by Lily Banse on Unsplash

Тие се опасни од повеќе причини:

  1. Развиваат негативен однос кон храната
  2. Можат да придонесат кон одредени пореметувања во исхраната,како орторексија
  3. Го отежнуваат изборот на намирниците, а со тоа и нашето секојдневие
  4. Можат да бидат штетни за нашето здравје
  5. Давааат генерална, односно црно-бела слика за храната

Важно е да одвоите нечие мислење од искуството или пак практичното знаење на експертите во оваа област. Притоа, треба да знаеме дека секоја личност е различна и самата исхрана во голема мера зависи, или треба да зависи од полот, возраста, здравствената состојба, посебни состојки како бременост или доење, физичките активности, преференциите и животниот стил.

Ова се пет митови во кои треба да престанеме да веруваме

Мит 1: Храната се дели на здрава и нездрава

Овој мит е длабоко вкоренет во денешното живеење, но е црно-бела слика. За почеток не постои здрава или нездрава храна, туку може да постои здрава и нездрава исхрана. За пример, брокулата е една од најздравите состојки, но што ако е полна со пестициди и други штетни состојки. Од друга страна, чипсот на полиците во маркетите е пржен и со самото тоа не толку нутритивно богат, но не значи дека ќе се отруеме од нив.

Затоа, храната не треба да се дели на здрава и нездрава, туку:

Нутритивно богата храна

Нутритивно сиромашна храна

Енергетски богата храна

Енергетски сиромашна храна

На пример, чипсот е нутритивно сиромашен, но енергетски богат, бидејќи е полн со калории. Брокулата е нутритивно богата храна бидејќи содржи витамини, минерали, антиоксиданси и природни влакна, но е сиромашна со калории. Јатскастите плодови се нутритивно, но и енергетски богати, што значи дека треба да се консумираат редовно, но да се внимава на количината.

Мит 2: Лебот, чоколадата и мастите дебелаат

Како што не постои здрава и нездрава храна, така не постои храна која дебелее или слабее. Важно е да се види целокупната исхрана во текот на денот, односно вкупниот калориски износ на сите намирници. Ако хамбургерот е сè што сте изеле во текот на денот, вие секако ќе бидете во калориски дефицит и ќе слабеете, но секако таа опција на исхрана не е најдобриот избор.

Исто така, некој може често да јаде брза храна, но да биде постојано во движење, односно да потроши онолку калории колку што внесува во текот на денот. Затоа и тие луѓе се слаби, а ние се прашуваме како може да изгледаат така, а јадат брза храна. 

Секако, овие примери се само исклучок и не треба да се применуваат, бидејќи треба да имаме на ум дека секогаш кога сме во калориски дефицит, важен е внесот на протеини, влакна и течности. 

Photo by Robin Stickel on Unsplash

Мит 3: Ќе се здебелиме ако јадеме по 19:00 часот

Повторно, ова зависи од вкупниот внес на калории во текот на денот. На пример, ако го одржувате вашиот калориски внес на 2000 во текот на денот, а сте внеле 1600 калории во текот на денот, а поминал 19:00 часот, вие имате простор за преостанатите 400 калории. Но, она што е важно да го земеме предвид е квалитетот на сонот. Потребно е да јадеме нешто што е полесно, бидејќи тешката и мрсна храна може да има влијание на квалитетот на сонот во текот на ноќта.

Мит 4: Да се биде слаб значи да се биде здрав

Некој може да има мал вишок килограми, а притоа да се храни здраво и разновидно, за разлика од некој кој можеби е слаб, а не внесува хранливи материи. Висцеларлното масно ткиво кое се наоѓа длабоко во стомакот обложувајќи ги органите како црниот дроб, цревата и желудникот претставува здравствен ризик од болести и воспаленија, како и ризик од дијбетес тип 2. 

Мит 5: Додатоците во исхраната помагаат да бидеме здрави

Додатоците во исхраната спаѓаат во лекови, а не храна. На тој начин тие придонесуваат кон тоа да имаме врамнотежена исхрана, но не се замена за богатата  и правилна исхрана. Тие имаат смисла кога имаме недостаток на одредени витамини и минерали, кај луѓето кои редовно тренираат интензивно, луѓето кои се опоравуваат од хируршки интервенции и болести, но не треба да се земаат на своја рака, со мислењето дека ќе ни помогнат да бидеме здрави. 

На пример, недостатокот на железо предизвикува замор, но истото го предизвикуваат и недостатокот на витамин Ц, како и збирот на витамин Б, особено Б12. Ако самостојно утврдиме дека сме уморни поради недостатокот на железо, тогаш предизвикуваме ризик за нашето здравје.