Сончев Град: Населба од затворен тип, како мал град

Регионалниот пат кој го поврзува Скопје со Општина Сопиште преку Водно ќе биде пуштен во употреба до крајот на оваа година, изјавија надлежните од Агенцијата за патишта, кои се инвеститори на овој проект.

Според досегашните најави за изгледот на Сончев Град, тоа ќе биде населба од затворен тип со 600 куќи за 6.000 жители. Поточно, 51 отсто ќе бидат куќи со парцели со минимална површина од 500 квадратни метри, а девет отсто згради. Останатиот процент отпаѓа на трговски центри, образовни објекти, градинки, зеленило, паркови, терени за спортување, игралишта и друго.

Според договорот склучен со Владата, која го продаде земјиштето, „Џеваир холдинг“ на почетокот има обврска да изгради барем 10 отсто од предвидените содржини, а во наредните шест години останатите 90 отсто, но во зависност од интересот на пазарот.

Изградбата на првите 75 куќи беше најавено дека е можно да почне уште пред година и пол, но патот во тоа време не беше готов, како предуслов за почеток на проектот.

Државата освен што го финансира патот, ја финансира и изградбата на канализација и водовод за населбата кои заедно чинат 9,5 милиони евра.

Kанализацијата што ја градат Министерството за транспорт и врски и Општина Kисела Вода не е наменета само за Сончев Град, туку и за жителите од блиските населби како Припор, Усје, Пинтија, Стаклара и Градинар. Од Kисела Вода информираа дека оваа канализација ќе одговори на потребите на 13.000 жители од овие населени места, каде што жителите со децении користат септички јами.