Пржо за Скопскиот Аквадукт: Кога ќе го снема, за кратко значи ќе не снема и нас од градот

Екологистот Кирил Пржо на својот фејсбук профил објави анализа за Скопскиот Аквадукт кој се чини дека е запоставен, иако поседува голема културна и историска вредност. 

Освен смет, ова место во околината на Скопје се соочува и со климатски промени. Зошто треба да го зачуваме?

Скопскиот аквадукт (Јустинијанов аквадукт) е најскриениот и потценет археолошки и историски простор во државата, констатира и Пржо. 

- Со неговата старост и потекло (за кое уште се дебатира) тој претставува културолшки континиум на градот кој трае најмалку илјада години.  Аквадуктот што се гледа денес е структура од 53 квадратни и еден правоаголен столб, што создава 53 сводни отвори и две рампи на двата краја. Зачуван е во должина од 385,8 метри, но некои делови се зачувани само во фрагментирана состојба. Според македонскиот закон, се смета за културно наследство како историски систем за водоснабдување веројатно од VI век, пишува во објава Кирил Пржо. 

- Аквадуктот како грбав старец низ својот век, преживеал се: мноштво земјотреси, поплави, рушења, a дел од него е уништен како резултат од воена вежба за уништување сводови на мостови. НО, во следните години пресудно за Аквадуктот ќе биде човечкото однесување и тоа не само фрлањето на отпад, алармира познатиот екологист. 

Вели пoстојат јасни докази на кој начин загадувањето преку киселите дождови го надгризува и рони материјалот на столбовите, силните топлински бранови ја пресушуваат површината, дождовните бури ја еродираат површината. а инвазивните растителни видови со корењата ги расклатуваат темелите.

- Аквадуктот треба да е физичка манифестација за тоа како средината нам ми влијае секој ден во Скопската Котлина и директно ќе покаже како зачувувањето на овој археолошки објект ќе значи чување на животната средина на целиот град. Кога ќе го снема Аквадуктот, за кратко значи ќе не снема и нас од градот, потенцира Кирил Пржо во обајава.