Четири нови градинки ќе се изградат во Скопје, нови училишта ќе се градат во Аеродром и Кисела Вода

Нови градинки и училишни згради ќе никнат во четири скопски општини.

Аеродром, Бутел, Ѓорче Петров и Кисела Вода следната година ќе добијат градинки, а училишта ќе се градат во Аеродром и Кисела Вода. 

Првиот човек на општина Аеродром Тимчо Муцунски за стартот на новата 2024 година најави два важни капитални проекти.

- На почетокот на 2024 година, започнува доградбата на основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин и изградбата на нова детска градинка „Изворче“ во населбата Стар Аеродром. Станува збор за два капитални проекти кои се реализација на важно ветување пред граѓаните и континуитет во заложба за унапредување на условите за образование и социјална грижа, порача Муцунски.  

-Општина Бутел ќе добие нова детска градинка во Бутел 2. Ова го сподели градоначалникот Дарко Костовски.

Според него проектната документација се очекува да биде готова до крајот на 2023 година, а самиот проект ќе се реализира до крајот на 2024 година. 

И Ѓорче Петров ќе има капитални проекти. 

- Жителите на нашата општина ќе добијат нова детска градинка во Стопански Двор со капацитет за околу 100 деца, со што ќе се олесни процедурата при запишување на дечиња во градинките, а исто така и драстично ќе се намали бројот на дечиња кои чекаат да бидат запишани во градинката “Росица”, сподели градоначалникот Александар Стојкоски кој упати благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, кои од позиција на опозиција, со макотрпна работа и труд успеаа да издејствуваат прифаќање на амандманот кој го поднесоа пратениците Владо Мисајловски и Бојан Стојаноски и со тоа во Ѓорче Петров да се случи уште еден голем капитален проект. 

Ново основно училиште и градинка ќе се градат и во Кисела Вода. 

- 80 милиони за изградба на ново основно училиште „Климент Охридски” во село Драчево и 60 милиони денари за реализација на проектот за изградба на нова детска градинка ,,8 Март” во населбата Расадник, објави вчера првиот човек на оваа скопска општина Орце Ѓорѓиевски.