Елитна населби среде зеленило и природа

На автопатот Скопје-Миладоновци во делот пред патарината може да видат како никнува нова населба на некогашниот празен зелен рид во атарот на Марино.

Се работи за новата населба Јака на територијата на Илинден за која изминативе неколку години Општината продаде 330 градежни парцели со површина од 400 до 500 квадратни метри. Триесетина куќи веќе се градат, дел се до карабина, а некои имаат и фасада. Населбата личи на типска затоа што куќите се градат според идентични проекти кои на купувачите на парцелите Општината Илинден им ги даде бесплатно.

За името на новата населба од Општината објаснија дека тоа место отсекогаш се викало Јака и најверојатно асоцирало на цврстината на земјиштето.

- Работам во фирма во населбата Илинден. Kуќата почнав да ја градам лани, а ме натера тоа што и јас и сопругата сакаме помирен живот. Сакаме да избегаме од градот и метежот, а тоа овде ќе го имаме. Имаме ќерка која е мажена и овде ќе ни доаѓаат на гости со детето и зетот. Доста ни е од урбаната џунгла – вели еден скопјанец.

Тој истакна дека го привлекле поволните услови што ги понудила Општината.

- Илинден ни понуди четири вида проекти за куќите, па си избрав еден. Со тоа што им кажав за поволните услови и мирната локација, привлеков овде да градат свој дом уште шестмина мои пријатели. Петмина сме од Скопје, еден е од Kуманово и еден е од Охрид. Сите веќе градиме, како што можете да забележите, и сите зедовме ист проект од Општината. Убаво е и пријатно, а н` привлекуваат и содржините што ги планира овде Општината - вели Иван.Т.