Но дали воздржувањето од храната е доволно за да кажеме дека постиме?! Вистинскиот пост е поврзан со молитва, покајание, со воздржание од страстите и од пороците, со искоренување на лошите дела, простување на навредите и со вежбање во добродетелта.
Телесниот пост без постот духовен не придонесува за спасението на душата, дури напротив, може да биде и духовно штетен, доколку човекот воздржувајќи се од храна се исполни со чувство на предност во однос на другите.
Вистинскиот пост, стои во црковниот натпис, е поврзан со молитва, покајание, со воздржание од страстите и од пороците, со искоренување на лошите дела, простување на навредите и вежбање во добродетелта. Постот не е цел туку средство – средство да ја смириме сопствената плот и да се очистиме од гревовите. Без молитва и покајание постот станува една обична диета.
– Духовниот пост е преку целата година. Но сега, кога црквата пропишала послушание да постиме и телесно, на духовниот му придружуваме и телесен пост. Особено во овој период треба да се фокусираме, да се најдеме себеси, да се замислиме за делата или неделата што ги правиме. Да се вежбаме да не го правиме тоа. Но и тоа треба да биде во координација со нашиот духовен отец. Тој ни препишува одредени молитви. Ако постапуваме погрешно во континуитет ни пропишува согласна епитимија, што на некој начин е духовна казна што ја исполнуваме и која треба да нè потсети дека мора да коригираме некои свои постапки – посочуваат од црквата.
Дали постот значи денови без мрсна храна и телесни задоволства, и лоша мисла? Отецот вели да, но знаеме дека тоа не е изводливо. Храната и телесниот аспект зависат од нас. Ние сме тие што можеме да го исполниме тоа. Духовниот аспект е борбата што треба да ја постигнеме. А, вели отецот, секој може да го постигне тоа. Причестот го крунисува постот и го окрепнува човек за време на постењето. Причеста треба да биде придружувана со исповед претходно.
Вистинската суштина на постот е изразена во следнава црковна песна:
„Пости од храна душата моја, но од страстите не се очистува – напразно се утешуваме со нејадење. Зашто ако постот не ти донесе исправување, ќе биде примен од Бога како лажен и ќе биде како кај лошите демони што никогаш не јадат“.