Додека светските цени на храната во февруари се најниски во последните три години, во Македонија тие растат

Во февруари светските цени на храната паднаа на најниско ниво во последните три години, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). За разлика од светот Македонија не го следи тој тренд и кај нас цените се во постојан раст. На што се должи ова не се знае ама во јавноста се збори дека растот кај нас е последица на алчноста на трговците и нивната намера да профитираат на грбот на граѓаните.

Во февруари е забележан пад на цените на сите поважни жита и растителни масла за период од еден месец, што го компензира зголемувањето на цените на млечните производи, месото и шеќерот.

Светскиот индекс на цените на храната за февруари падна од јануарските 118,2 поени на 117,3 поени, со што продолжи падот на светските цени на храната, што почна во август 2023 година, се наведува на веб-страницата на ФАО. Вредноста на овој индекс е 10,5 отсто или за 13,8 поени пониска во однос на февруари 2023 година.

Цените на житата паднаа пет отсто, на 113,8 поени месечно, поради големата понуда на пазарот и очекувањата за добра жетва на пченка во Јужна Америка, а цените на растителните масла 1,3 отсто, на 120,9 поени. Показателот за цената на млечните производи порасна 1,1 отсто на деветмесечниот максимум од 120 поени, а најмногу пораснаа цените на путерот поради поголемата увозна побарувачка од купувачите од Азија, пренесува „Танјуг“.

По седум последователни месеци пад, цените на месото во февруари се зголемија 1,8 отсто, на 112,4 поени, главно поради повисоките цени на живината и говедското месо. Индексот што ги следи цените на шеќерот се зголеми 3,2 отсто, на 140,8 поени, поради загриженоста за производството во Бразил, Индија и на Тајланд.